Ученици

ПСУ АКАДЕМИЈА

Ученици

Во Приватното средно училиште „Академија Леонтиќ“, освен грижата за максимално развивање на стручните компетенции, голема е грижата за здравјето, редовноста и безбедноста на запишаните ученици.
Исто така, наша грижа, покрај едукацијата, е и да им се помогне на родителите и на децата околу можностите што ги имаат по завршувањето на школото според нивната стручна подготовка. Тоа значи професионална ориентација, лични совети и препораки од мајстор Васка Леонтиќ, која лично ги следи и работи со учениците за време на целата практична обука и ги препознава компетенциите и нивната подготвеност, им препорачува и ги советува како можат да се дообучат, кои од нив може веднаш да започнат со работа, со сопствен бизнис и кариера, а на кои ученици им треба сè уште пракса, како и сè што е поврзано со понатамошниот развој на учениците.
ПСУ „Академија Леонтиќ“ оваа учебна година (2012/2013) за првпат започнува со воспитна настава за децата без родители, кои се вклучени во проектот што е во организација на Министерството за труд и социјална политика, наменет за развој на занаетчиството и за изучување на техниките што ги нуди нашето училиште. Со тоа се создава и можност за најдобрите и докажани деца да бидат вработени во салоните на „Студио Леонтиќ“ или да бидат препорачани на соработниците.
Исто така, ПСУ „Академија Леонтиќ“ во својата воспитно-образовна програма вклучува и работа за обука на деца со посебни потреби за да се потпомогне развојот на нивните психофизички способни и да им се понуди обука за оспособување за работа. Во училиштето веќе се подготвуваат и специјални програми за нивна самостојна работа.

Оценување

Оценувањето за секој ученик ќе претставува кумулативна оценка на неговиот севкупен покажан труд на општообразовната теоретска настава, стручната теоретска настава, на салонската и техничката пракса. Покажаниот краен резултат ќе зависи од редовноста на секој ученик, од неговата активност, вклучувањето во проектите на кои училиштето ќе земе учество или ќе ги организира, како и од квалитетот на вештините што ќе ги совладува и ќе ги унапредува.
Учениците што ќе постигнат видни резултати во своето стручно образование, ќе се стекнат со можноста да станат дел од тимот што работи во Центарот за убавина „Студио Леонтиќ“. Можност да научат да ги владеат техниките на работа ќе имаат сите ученици, но само најдобрите ќе бидат одбрани да работат за брендот „Леонтиќ“. На преостанатите ученици ќе им се овозможи доусовршување на вештините за работа во школскиот салон „Леонтиќ“.